Реков дека ќе почнам да ги споделувам моите фото авантури и на македонски па еве сум си стојам на зборот.
Моментално сум во комбе од времето на Хо Чи Мин на пат кон Да Лат, градче на 1500мнв во јужен Виетнам и сум заобиколен од магична природа. Од банани, палми, листопадни дрвја па до борчиња и елки, се на едно место, штета што се гужвам со локалците и неможам да скокам од прозор на прозор со камерата.
Доста беше од руското Муи Не и топлото крајбрежје. Стотина празни ресорти, изгорени руски туристи, (си се шетам низ Виетнам и си читам кирилица), водка, песочни плажи, ефтина храна, а после све ова таму е и малото рибарско селце со најголем број на бродчиња во цел јужен Виетнам.
Стотици "кади", така ги нарекувам виетнамските округли бродчиња, дрвени бродови, мрежи полни со риби и морски змии, кофи полни со школки, сипи и краби, сето ова во еден залив голем колку скопскиот плоштад. На обалата се слуша песната и смеата на жените и ќерките на рибарите кои го чистат и складираат свежиот улов.
Освен рибарите и нивните семесјтва таму се и бизнисмените, купци на големо кои со своите мотори слегуваат дури на самата плажа да го откупат свежиот улов и веднаш да го препродадат во рестораните и големите маркети.
Голем љубител сум на морска храна, а ова место е рај за таквите ко мене, свежи школки и лигњи ги исчистија и спремија на скара пред мој очи за долар ипол, толку ефтино за да бидат уште послатки.
Додека вечерав ја гледав најчудната игра, мавање со медузи. 10 момци, сите над 25 години се маваа со медузи се додека не остана само еден не погоден. Медузите содржат некој поблаг вид на отров што при допир со кожата создава пликови кои според изразот на лицата на играчите и извиците кои ги испуштаа мислам дека се премногу болни.
Стана премногу загушливо и патот е со многу кривини што значи тука завршувам.
 |
| Жена ги чисти свежу уловените риби и краби на обалата |